Пишува: Љуан ИМЕРИ
Иако е се поизвесно дека оваа година нема да имаме парламентарни избори сепак сите политички чинители активно работат на терен и се подготвуваат за избори на нив својствен начин.
Нема да кажам ништо ново ако речам дека ни требаат слободни и фер избори. Всушност, за да може да кажеме дека нашата земја е навистина демократска, изборите мора да бидат и слободни и фер. Слободните и фер избори се основата на демократијата и овозможуваат слободни и праведни општества во кои сите ние како граѓани сакаме да живееме. За жал, овој основен аспект на демократијата е се повеќе е доведен во прашање во многу земји, дури и во земји членки на Европската унија. И тоа треба сериозно да не загрижи.
Наредните парламентарни избори кај нас ќе бидат едни од најинтересните и најзначајни избори воопшто. Пропагандата ќе биде вклучена на максимум. Револтот кај голем дел од граѓаните е огромен, без разлика на нивната етничка и политичка припадност. олитичките теми, воените конфликти, и економската состојба не ѝ одат во прилог на ниту една власт, не само кај нас туку и пошироко.
Ќе одиме на избори во многу деликатен контекст. Бугарија останува доследна на нејзините, за нас несфатливи, услови за да го тргне ветото за нашите преговори со Европската Унија. Несоодветната реакција на ЕУ успеа, не само да ги засили аргументите на евроскептиците, туку и кај најзападно ориентираните граѓани, пред се Македонци, да предизвика антизападно расположение. И покрај тоа што бројките од истражувањата на јавното мислење последниве три години покажуваат намалена доверба во ЕУ сепак сеуште огромно мнозинство македонски граѓани се за Европската Унија. Хибридната војна е во полн ек. Говорот на омраза и дезинформациите, како алатки на пропагандата, го поларизираат јавното мислење, се намалуваа и така ниската довербата во политичките лидери, институциите и демократските процеси. Одиме на избори во време на висока корупцијата, со несоодветни кадровски решенија, во време кога довербата во судството е на дно. Како ова да не е доволно, одиме на избори во време кога кај дел од граѓаните постои перцепција дека законите не важат подеднакво за сите.
(Не)владеењето на правото и неказнивоста е алармантна и тоа станува најдобра партиска артилерија, од која се пука со истите топови во зависност од која страна на фронтот стојат непријателите. Некои од нашите сограѓани мислат дека законите не важат за тие од власта, некои мислат дека законите не важат за одредени интересни групи, некои дури и мислат дека законите не важат само за Албанците… Да бидеме реални, има такви и од власта и многу Албанци кои завршуваат во затвор, дури имаше и Албанци од власта кои завршија во притвор: Тие што ја погрешиле партијата! Функционери Албанци од „вистинската“ партија никогаш не завршуваат во затвор бидејќи тие се или најчесните или најитрите функционери, недопирливи и неказниви. Токму поради ова некои партии можеби се во најкомотна позиција пред претстојните избори – тие никогаш не ги даваат своите криминалци а нивните редовни гласачи веќе ги имаат вработено и згрижено.
Сето ова им оди на прилог на најрадикални политички опции, пред се на тие од македонскиот етнички кампус. Албанската опозиција во голема мера се компромитираше последниве години. Покажа дека не се политичка опозиција туку само политичка конкуренција. Видовме дека скоро по ништо не се разликуваат од владејачката албанска парија, единствена цел им е власта односно сакаат да ги заменат нив за тие да си продолжат да си го прават истото.
Наместо да се развиваме граѓанското општество, каде што во центарот на нештата се наоѓа граѓанинот како индивидуа, како носител на своите права и одредени потреби, интереси, желби и слично, упорно се оди кон глорифицирање на колективите.
Сите политички партии си ја сакаат државата, особено тие од власта. Па секојдневно нè убедуваат во тоа! Тие, и сличните на нив, многу ја сакаат државата, особено кога за таа љубов се плаќа од државната сметка. Но, по се изгледа дека политичките субјекти навистина добро го познаваат својот народ, знаат дека краткото паметење е национална дисциплина во Македонија па така повторно ќе играат на истата карта, ќе станат тоа против кое претходно се бореле а ние сако ќе заборавиме и повторно ќе ги гласаме „нашите“. „Недопирливите“ и најбогатите криминалци ќе си најдат начин да се прикладат до секоја власт а ние останатите ќе живееме со голема мера партизирани институции, корумпирано судство, и заробени медиуми. Ќе се надеваме на членство во ЕУ и на црните листи на САД.
Дефинитивно пред нас имаме многу предизвици и проблеми. Ниту ЕУ, ниту САД или било кој друг не може да помогне. За жал некомпетентните и криминалците биле и се дел од секоја власт а само ние можеме да ги тргнеме. Се разбира ако сакаме, но по се изгледа дека баш таквите повеќе ни одговараат.
Ставовите се на Авторот. Преземено од Рацин