Пишува: ИВОН ВЕЛИЧКОВСКИ
Уште еден Извештај за застојот и назадувањето на Северна Македонија во 2024, без оглед на формалниот наслов.
Еве како следниот да биде за напредокот – по наслов и содржина.
- Уставно дополнување на Преамбулата.
Мицкоски бара начин како да го претстави условувањето на уставното дополнување како голем дипломатски потег. Во ова се надева да наиде на разбирање од неговиот ЕНП-партнер, ГЕРБ.
Ако сакаа да ја следат старата московска идеја, Атина и Софија одамна ќе се договараа со Белград во однос на Скопје.
Преселувајќи го процесот на одлучување (на Македонците) за својата сегашност и иднина низ Рамковниот, Преспанскиот и Софискиот договор (сосе „францускиот предлог“) во Скопје – и Брисел и Вашингтон инвестираа доверба и разбирање кон македонскиот народ.
Потребата (или обврската?) Мицкоски да им ја нафрли и оваа “топка” за уште едно регионално разигрување на Вучиќ и Курти – не е од корист ниту на Македонците ниту на нацијата на Северна Македонија.
Мнозинството од нас не го дели пристапот на партиско контролирање лични и колективни права, поучено дека партиите тоа ќе го применат потоа врз секој несистемски Македонец присилувајќи го да бира – молк и корупција или на емиграција.
Конкретно: политичкото калкулантство на актуелните македонски партиски и државни водства наскоро ќе им се врати по глава на Македонците.
Секое соучество на опозицијата во такво премолчано „национално единство” со Мицкоски за удел во параетничко владеење лесно ќе ја дисквалификува: и во Скопје и за Брисел и за Вашингтон, „еден Мицкоски е доволен“.
- Борба против корупцијата и анти-реформи во (право)судството
До каде е дополнувањето на Законот за примена на рестриктивни мерки? Дали новата Влада го повлече? Ако го повлекла, кога опозициските пратеници ќе го реиницираат?
Замрзнувањето и конфискацијата на нелегалниот имот стекнат со корупција и буџетска злоупотреба за личен интерес и малигни влијанија во овие два-триесет години по закон – е основа за борбата со корупцијата.
Ако сознанијата на САД, Канада, Обединетото Кралство… се адекватни за нивните органи да ги стават овие лица и семејства на „црни листи“… Ако тие „црни листи“ се кредибилни за постапување во европските земји – тие се доволни за институциите на Северна Македонија да ги замрзнат нивните имоти.
Впрочем за формирањето на “црните листи” – САД, Канада, Обединетото Кралство… сознанијата ги имаат (и) од институциите на РСМ.
Штом се отвори ова прашање ни ВМРО-ДПМНЕ ни ЗНАМ ни ВЛЕН нема да можат пак да го “реформираат” (право)судството низ окупација за потребите на југо-тајкуните.
Така и етнопартискиот монопол на југо-македонистите врз службите, со „спојување“ или со раководно-кадровско девастирање им е џабе.
- Ова ги забрзува преговорите со ЕУ и го прави полноправното членство достапно во следните 5 години.
Поглавјето “Владеење на правото” е најдолгиот чекор кон дејугословенизирана и декомунистицирана Северна Македонија која брзо системски се функционализира и финансиски се опоравува. На ужас за власта и задоволство на граѓаните.
За да се опорави и функционализира државата се унапредува владеењето на правото.
За да се унапреди владеењето на правото се води борба со корупцијата.
За да се води борба со корупцијата, мора да се прекинат врските на контрола на југо-тајкуните преку партиите врз службите и (право)судството.
За да се прекинат југо-тајкунските врски со малигните извори, им се замрзнува имотот. И по законска постапка – им се запленува и се враќа во буџетот.
Забрзано ќе гледаме зошто ова не им одговара на (раководствата на) ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Но и кому уште не. Низ “национално, надпартиско” и валутно единство на талози во партиите, медиумите, институциите, академиите, коморите.