Од моментот кога опозицијата побара од владејачката ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржи резолуцијата со која јасно се утврдува дека државата нема да прифати мигранти од Велика Британија, политичката сцена доби нова димензија. Наместо поддршка на веќе поднесената иницијатива, владејачката партија излезе со своја, посебна резолуција.
Прашањето што логично се наметнува е: зошто беше потребна нова резолуција, кога веќе постоеше јасен и недвосмислен предлог од опозицијата?
Во демократските системи, прифаќањето на предлози и резолуции од опозицијата не е слабост, туку стандард. Демократијата подразбира власт која има капацитет да прифати добар предлог, без разлика од каде доаѓа. Оттука, одбивањето на власта да ја поддржи резолуцијата на СДСМ отвора сомнежи и создава простор за политичка и јавна недоверба.
Во демократските системи, власта не се плаши од јасни формулации. Напротив – ги преферира. Избегнувањето на прецизен јазик и замената со декларативни фрази, осуди и закани за санкции е класичен сигнал дека се остава простор за маневар – денес „нема мигранти“, утре „привремени решенија“, задутре „технички аранжмани“.
Токму затоа одбивањето на опозициската резолуција не е процедурално, туку стратегиско.
– Мицкоски е уплашен од вистината и затоа посегнува по сите механизми, вклучувајќи и закани, а најмалку има право тој да зборува. Да ве потсетам кога собираа потписи против наводни мигрантски напливи пред неколку години ВМРО-ДПМНЕ, да потсетам кога предупредуваа на кантонизација на земјата и меѓунационални судири. Тој најмалку има право да зборува тука, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во свото последно телевизиско интервју.
Филипче нагласи дека Мицкоски е уплашен од вистината затоа што наскоро ќе излезат и многу други поконкретни работи во однос на овој договор.
– Сега нема што да прави и се заканува со обвинителство. И тоа е класичен метод на де-фокус. Тоа се работи коишто сме ги гледале во минатото и сметам дека е апсолутно само страв од вистината и ништо друго, посочи Филипче.
Според него, власта одбива да ја поддржи предлог-резолуцијата на СДСМ затоа што постои договор за носење мигранти за пари.
– Зошто не ја потпишат нашата предлог Резолуција во којашто експлицитно стои дека нема да дозволиме да се носат мигранти или економски работници, или како и да ги крстат од Велика Британија, коишто се поврзани со финансии како што соопштуваат британските медиуми. Но, вистинското прашање е зошто избегнува ВМРО-ДПМНЕ да ја потпише декларацијата во којашто јасно кажуваме што сакаме да не се случи кај нас. Ете тоа е вистинското прашање, зошто бегаат – затоа што се договорени, нагласи Филипче.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ потврди дека ја продаде државата за пари, за кредити од шест милијарди евра, за мигранти за пари.
Како што истакна Филипче, Резолуцијата на СДСМ е јасен и недвосмислен документ кој има единствена цел- заштита на државата и граѓаните, и ако власта е искрена во изјавите, тогаш ќе ја потпише.
– Ајде да ја потпишеме заеднички декларацијата, сите пратеници во Собранието, во којашто експлицитно еве ќе ги тргнеме сите сомнежи на страна. Еве, ајде ние да си ја земеме работата во свои раце, ајде ние да не дозволиме да се носат мигранти коишто може да ја загрозат безбедноста и финансиската состојба на земјата. Не може премиерот да спинува и да кажува нема да има илегални мигранти, ќе има ли легално донесени? Не може спинови да кажува дека нема да има кампови, изјави Филипче.
Власта контрап озицијата – своја резолуција, своја рамка
ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе поднесе „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, соопшти владејачката партија. Според партијата, со оваа резолуција се става крај на, како што велат, манипулациите и наводната кампања за создавање паника.
Но токму тука се отвора суштинската дилема: ако власта е сигурна дека нема договор за прифаќање мигранти од Велика Британија, зошто не ја поддржи опозициската резолуција со која истото јасно се гарантира? Зошто беше потребно нова резолуција, нов текст и нова политичка рамка?
Миграцијата како регионално и европско прашање
Прашањето за мигрантите не е изолирано само во домашната политика. Регионалните и европските медиуми со месеци известуваат за притисокот врз балканските земји како транзитна рута, но и за обидите на одделни западноевропски држави да најдат билатерални решенија за прифатни центри надвор од своите граници.
Во тој контекст, секоја недореченост или избегнување на јасен став отвора простор за сомнеж. Особено во ситуација кога државата се соочува со економски предизвици, празен буџет и неизвесност околу социјалната стабилност.
Резолуција или контрола на наративот?
Во суштина, ова не е судир околу мигрантите, туку околу политичката контрола. Контрола врз наративот, врз стравот и врз јавната перцепција. Прифаќањето на резолуцијата на СДСМ би значело дека власта се согласува на јасна, недвосмислена и правно читлива формулација: нема прифаќање мигранти од Велика Британија – ниту легални, ниту „економски“, ниту под други формулации.
Токму тоа власта очигледно сака да го избегне. Затоа наместо едноставен документ, добиваме обемен текст со политички квалификации, осуди, па дури и закани за санкции за „ширење дезинформации“. Тоа е класична техника на замаглување: кога немате проблем со содржината – го менувате фокусот.
Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ не забранува експлицитно ништо ново, туку главно служи како политички штит. Таа повеќе зборува за тоа што опозицијата наводно прави погрешно, отколку што дава цврста гаранција за тоа што државата нема да направи утре.
Што пишуваат странските медиуми, моделот „аутсорсинг на мигранти“
Реномирани странски медиуми како BBC, The Guardian и Politico во изминатиот период детално пишуваат за стратегијата на Обединетото Кралство и дел од земјите на ЕУ да го „аутсорсираат“ миграцискиот притисок надвор од своите граници.
BBC во повеќе анализи укажува дека Лондон активно бара билатерални договори со трети земји за сместување на лица кои не добиле азил или чекаат постапка, при што финансискиот елемент е клучен мотив за земјите домаќини.
The Guardian оди чекор подалеку и предупредува дека ваквите договори често се склучуваат без целосна транспарентност, со клаузули кои оставаат простор за различни интерпретации – од „привремени центри“ до „економски мигранти“, што подоцна станува сериозен политички и безбедносен проблем за земјите приматели.
Politico, пак, во своите регионални анализи за Балканот нотира дека земјите надвор од ЕУ се под посебен притисок поради финансиската зависност, кредитите и геополитичките калкулации, што ги прави поподложни на вакви аранжмани.
Токму затоа инсистирањето на СДСМ на јасна, експлицитна и недвосмислена резолуција не е политички театар, туку обид однапред да се затвори секоја правна и политичка „сива зона“.
Кога власта бега од јасни формулации
Во демократијата, одбивањето да се поддржи јасен и прецизен документ секогаш буди сомнеж. Особено кога истиот тој документ, според тврдењата на власта, само го потврдува она што тие веќе го зборуваат.
Ако навистина нема договор, ако навистина нема финансиски аранжмани и ако навистина нема планови за прифаќање мигранти од Велика Британија – тогаш поддршката на опозициската резолуција требаше да биде формалност.
Фактот што тоа не се случи, а наместо тоа се нуди паралелна резолуција со политички напади, остава впечаток дека проблемот не е во мигрантите, туку во вистината што сè уште не е кажана.
Дестан Јонузи







































































































