Република Северна Македонија и во 2025 година останува без суштински напредок во борбата против корупцијата, покажува најновото, 31-во издание на Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) на Транспаренси Интернешнл, објавено денеска.
Според извештајот, Северна Македонија и оваа година има 40 поени, ист резултат како и во 2024 година, што укажува на стагнација и отсуство на реални антикорупциски реформи. Земјата формално е позиционирана на 84-то место, што е за четири позиции подобро во однос на минатата година, но подобрувањето, како што се наведува, е резултат на полоши резултати кај други држави, а не на сопствен напредок.
Во глобални рамки, Индексот на перцепција на корупцијата за 2025 година покажува влошување на состојбата, при што дури и воспоставените демократии бележат пад поради недостиг на храбро и одговорно лидерство. Бројот на земји со резултат над 80 поени е намален од 12 пред една деценија на само пет оваа година.
Од Транспаренси Интернешнл предупредуваат дека слабеењето на политичкото лидерство ја поткопува глобалната борба против корупцијата и го намалува притисокот за суштински реформи, вклучително и во Европа, каде што антикорупциските напори во голем број земји стагнираат или се влошуваат.
Во изјава за извештајот, претседателот на Транспаренси Интернешнл – Македонија, наведува дека резултатот од 40 поени покажува дека земјата останува на иста почетна точка, без видливи поместувања напред.
Како клучни системски проблеми се посочуваат неуспешните и недовршени реформи во судството и обвинителството, кои, според оценките, не обезбедуваат ефикасен, независен и одговорен правосуден систем. Дополнително, се нагласува дека случаите поврзани со поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата сериозно ја нарушиле довербата на јавноста во институциите задолжени за борба против корупцијата.
Во извештајот се изразува загриженост и за нетранспарентниот процес на изготвување на измените на Кривичниот законик, чија содржина, според Транспаренси Интернешнл, не само што не придонела за зајакнување на антикорупциската рамка, туку во одредени сегменти ја ослабила. Посебно се потенцира дека сè уште не се донесени новиот Закон за укажувачи и измените на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, кои се сметаат за клучни во антикорупциската архитектура.
„Овие резултати испраќаат јасна порака: без вистинска политичка волја, транспарентни процеси и отчетни институции, Северна Македонија ќе остане заглавена во стагнација“, се наведува во реакцијата, со апел борбата против корупцијата да стане врвен државен приоритет, а не само декларативна заложба.
На глобалната ранг-листа, Данска повторно е на првото место со 89 поени, по што следуваат Финска, Сингапур, Нов Зеланд и Норвешка, додека извештајот предупредува дека високите резултати не значат целосно отсуство на корупција, особено кога земјите овозможуваат перење и трансфер на коруптивни приходи преку граници.
Ј. Ѓ.










































































































